АНТРОПОЛОГИЈА НА ИНТИМНОСТА ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА КУЛТУРА

Ана Ашталковска Гајтаноска
Author

Synopsis

Иако насловот асоцира на некаква поетична анализа на интимноста во македонската народна култура, овде всушност станува збор за третманот на интимноста во истражувачкиот процес, односно за методолошките аспекти на истражувањето кога тоа се интересира за интимни теми.
Во овој текст се обидувам да ги поврзам во едно трите аспекти што се однесуваат на методологијата: најпрво текстот претставува преглед на методолошка литература до која успеав да стигнам, понатаму акцентот е ставен на некои методолошки принципи специфични за одредени теориски ориентации (со посебно внимание на актуелните ориентации) и клучниот дел (етнографскиот материјал) – оној што всушност најдиректно се поврзува со авторот – се однесува на методолошките пристапи искористени од конкретен истражувач.
Смит вели дека уште како студенти ние учиме да размислуваме за науката што сме ја избрале како што за неа се размислува и учиме да ја применуваме онака како што таа се применува. Напоредно со ова учиме дека некои теми се релевантни во рамките на нашата наука, а некои пак не се, фокусирајќи ги нашите идеи врз основа на концептуалната рамка и релевантноста дадени од дисциплината со која се занимаваме. Ако нашите идеи не се врамуваат во таа концептуална рамка, или треба да ги отфрлиме или пак да најдеме некоја процедура што ќе ни овозможи да ги „протнеме“, односно тесно да ги поврземе со дисциплината пишувајќи за нив. Нашите начини на работа и пишување треба да бидат препознатливи за оние што ги практикуваат како етнолошки или антрополошки начин на размислување користејќи го вокабуларот и концептуалните рамки на она што е познато
како етнолошка или антрополошка дисциплина. „Така, границите на истражувањето се сместени во рамките на она што е веќе етаблирано“. Во македонската етнологија и антропологија сè уште не е доволно етаблиран интересот за методологијата на истражувачкиот процес иако тоа е секако суштински сегмент од самиот процес. На пример, и покрај тоа што практикувањето на теренското истражување во наши услови
се смета за најважен дел од работата, вниманието што овие дисциплини го  посветуваат на начините на неговото практикување е минимално, односно речиси и не постои. Тоа значи дека правиме нешто што го сметаме за исклучително важно без всушност да размислуваме, дебатираме, промислуваме, па на крајот на краиштата и да знаеме како и зошто тоа го правиме онака како што го правиме. Како што вели Хаструп, освен што антрополошкото
знаење се создава низ регистрацискиот филтер на етнографот на теренското истражување, тоа (знаењето) се создава и низ институционалните филтри на академската дисциплина. Со оглед на фактот дека нашите институционални филтри сè уште не ги пропуштиле низ себе
ниту „поетичните“ аспекти на истражувањето, ниту пак оние строго техничките или практичните што вообичаено ги подразбира секоја методологија, поврзувањето на овие два аспекти од етнолошкиот и антрополошкиот истражувачки процес од самиот почеток изгледа прилично комплицирано, особено ако се земат предвид традиционалните или конвенционалните интереси на овие дисциплини во наши услови. Од друга страна, поврзувањето на овие два сегменти од истражувачкиот процес и во средините со многу
подолга традиција на етнолошки и антрополошки истражувања е повторно многу комплицирано од аспект на регулирањето или нормирањето (ако земеме дека токму тоа вообичаено го подразбира методологијата на науката) на она што во принцип се спротивставува на каква било регулација или канонизација. Според тоа, исклучително е тешко да се одговори на предизвикот да се пишува за интимноста на истражувачкиот процес во етнологијата и антропологијата низ методолошка призма.
Овој текст го пишувам имајќи ги на ум моите колеги и студентите како публика. Во него нема ништо ново што досега некаде не се споменало, со оглед на фактот дека за квалитативната методологија постои огромен корпус на литература, особено на западната академска сцена. Бидејќи речиси и не постои таква литература на македонски јазик, овој текст може
да послужи како запознавање со основите во методологијата на етнолошкото и антрополошкото истражување.
За етнографските, етнолошките, антрополошките студии обично се мисли дека се однесуваат на другите (луѓе, култури, општества итн.). Иако и тогаш внесуваме еден значителен и суштински дел од себеси, во овој случај се работи за онаа страна што обично е скриена во нашите истражувања – за истражувачот. Термините автоетнографија и автоантропологија на прв поглед асоцираат на вклучувањето на себството во истражувањето, односно на истражување на блиското и сопственото, иако термините се користат и за да означат најразлични нивоа на истражување и пишување за блиското и интимното. Во овој контекст, како најблиски до обидот да го идентификувам мојот пристап на работа, ќе ги искористам аргументите на Гулин Зрниќ во однос на тоа што подразбира автоантропологијата. Таа вели дека префиксот авто- реферира на три клучни аспекти: најпрво во смисла на рефлексивната методолошко‑епистемолошка нагласка во самата наука, поантропологија на интимноста натаму како истражување на сопственото – истражување во сопствените културни рамки кога истражувачот и учесниците најдиректно го споделуваат контекстот на истражувањето и на крајот како асоцијација за личното во истражувањето што подразбира промислување на сопствените лични, интимни искуства во текот на истражувањето. Така, како клучни и истовремено контрадикторни постапки во автоантропологијата ги поставува следниве: одделување од сопственото и инкорпорирање на личното во истражувачкото. Иако термините автоантропологија и автоетнографија многу асоцираат на експерименталните форми на истражување и пишување, сметам дека, според сите критериуми, овој текст спаѓа во оние што се идентификуваат како традиционални.
Анализите главно се базираат врз транскрибиран теренски аудио материјал во времетраење од 96 часа, снимен во периодот од 1999 до 2009 година во различни предели низ Република Македонија, како и врз податоците од теренските белешки, дневници на истражување и од сеќавањата на теренските искуства. Оваа временска рамка подразбира дека се вклучени и студентските и професионалните истражувања од аспект на детектирање на „еволуцијата“ или едноставно промената во пристапот кон проучувањето на интимни теми според возрасната и професионалната позиционираност на истражувачот. Интимноста што верно ги следи сите досегашни теми што сум ги избрала како проблеми на истражување генерално се однесува на следниве аспекти од приватниот живот на соговорниците: обичаи при раѓање, биографски искази на жени неротки за нивните искуства со статусот што го носат во околината, предбрачни сексуални односи, озборувањето како комуникациска пракса што најчесто третира туѓи интимни прашања. 

Преиспитувањето на сопствениот истражувачки однос кон интимноста на соговорниците во теренските истражувања, па и во објавените трудови во оваа смисла подразбира и соочување со грешките, некои од нив и круцијални, особено кога станува збор за етиката на истражувањето. Голем дел од нив ќе бидат споменати подолу во текстот. Затоа оваа прилика
ја користам искрено да им се извинам на многубројните соговорници поради моето невнимание. Така, овој текст има една многу интимна димензија и за мене како авторка, која на овој начин се надева дека барем малку ќе си ја олесни совеста.

Cover for АНТРОПОЛОГИЈА НА ИНТИМНОСТА ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА КУЛТУРА