ЕТНОГРАФСКИ ИЗВОРИ ЗА МАКЕДОНИЈА. ЕТНОЛОШКИ АТЛАС НА СФРЈ. ЕТНОЛОШКИ АТЛАС НА СР МАКЕДОНИЈА. ПРАШАЊЕ БР. 124: РАЃАЊЕ, ДОЕЊЕ, ПРВ ЗАБ, T. I, КН.1 и КН. 2

Љупчо Ристески
Author
Еда Старова - Тахир
Author
Веле Змејкоски
Author
Ѓоко Атанасов
Author

Synopsis

Предговор
Со податоци за големиот југословенски проект „Етнолошки атлас на СФР Југославија“ јас за прв пат се сретнав во пролетта 1993 година започнувајќи ја својата истражувачка работа врз ракописната оставина на проф. д-р Бранислав Русиќ што се чува во посебен архивски фонд во Архивот на МАНУ. На повеќе наврати во архивските материјали на фондот се спомнуваше работата и ангажманот на проф. Бранислав Русиќ како „главен повереник“ за работата на Етнолошкиот атлас за СР Македонија и како еден од авторите на „Прашалниците“ што биле користени како основа за реализирање на теренските истражувања на територијата на целата СФРЈ. Во архивските материјали, тогаш, не видов ништо од богатиот етнографски материјал собран низ Македонија. Видов само дел од неколкуте варијанти на темите и прашањата, кои, како делови од обемните теренски прашалници, ги беше составил Бранислав Русиќ. Сепак, во архивските материјали, Русиќ има зачувано доста документи, некои од нив се од негови текстови објавени во весникот „Нова Македонија“ низ кои, тој како автор и член на Комисијата за Етнолошкиот атлас на Југославија од Македонија, ја известувал македонската и југословенската стручна и поширока јавност за целите, реализацијата и значењето на овој голем проект. Работејќи врз ракописната оставина на проф. Бранислав Русиќ, пролетта 1993 година, во Белград се сретнав и со неговата ќерка Надица Русиќ, од која, разговарајќи за неговата дејност поврзана со етнографскиот атлас, дознав дека, всушност, сè до смртта на професорот во 1971 година, неговиот кабинет во нивниот дом во Скопје бил полн со веќе пополнети теренски прашалници, кои веднаш по смртта со камион биле превезени во Центарот за Етнолошки атлас во Загреб. Впечатокот што г-ѓа Надица Русиќ го имаше за значењето на овој материјал, како и за ургентноста на целата ситуација материјалот да биде во целост пренесен во Загреб, на некој начин се пренесе и врз мене. Сепак, по дипломирањето веднаш не пројавив активен интерес за увид во материјалите поради низа околности, но бев во тек со случувањата во другите поранешни југословенски републики, во кои, по распаѓањето на Југославија, веќе се организираа иницијативи за правење копии од овие материјали со цел да се пренесат во нивните центри. По моето докторирање во 2002 година, се создадоа пореални услови мојот интерес за овие материјали да се преточи во истражувачки проект за практично обезбедување копии од овие материјали за потребите на македонската стручна и поширока јавност. Тогаш Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје, на неколку наврати, се обиде да пријави предлог на истражувачки проекти поврзани со прашањето на етнолошките атласи. Сепак, дури во пролетта 2010 година, во рамките на мојот студиски престој на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет во Загреб, а финансиран од програмата CEEPUS, за прв пат го посетив Центарот за Етнолошки атлас и Архивот каде што се сместени и се чуваат сите материјали. Благодарение на љубезноста и топлите колегијални и пријателски односи со тогашниот раководител на Одделението за етнологија и антропологија, проф. д-р Горан Павел-Шантек, и проф. д-р Бранко Ѓаковиќ, јас добив пристап до овие материјали. Промените што веќе се беа случиле во постјугословенските и постсоцијалистичките републики реско го рефлектираа и свртувањето на дисциплинарниот дискурс на етнологијата и антропологијата надвор од фокусот на етнографското и етнолошкото картографирање. Дисциплинарниот дискурс за напуштање на „застарените“ амбиции за систематско следење, бележење, документирање, обработка и картографирање на културните појави со користење прашалници беше целосно видлив во состојбата на Центарот и на Архивот. Само неколку поединци, меѓу кои најмногу професорот Бранко Ѓаковиќ, се грижеа за овие материјали и се трудеа тие барем да останат во формат во кој ќе бидат употребливи и достапни за следните генерации. Откако почнав да пребарувам и прегледувам по материјалите, подредени и систематизирани според стандардите на Центарот, моето изненадување стануваше сè поголемо и поголемо како што го согледував обемот на материјалите што се запишани и собрани на територијата на Социјалистичка Република Македонија. По еден цел ден поминат низ Архивот, сфатив дека копирањето на сите материјали е невозможно во рамките на едномесечен студиски престој, поради што ноќта ја поминав размислувајќи како да се оптимизира престојот и работата врз материјалите, а сепак селектираниот материјал да сочинува некаква целина. Се одлучив да започнам со скенирање на материјали од областа на духовната култура содржани во Прашалникот бр. IV, односно на обичаите од животниот циклус структурирани во неколку групи прашања: Збирно прашање бр. 124. Раѓање, доење, прв заб; Збирно прашање бр. 125. Прво стрижење; Збирно прашање бр. 121. Обичаи пред самата свадба, венци, свадбена оглавка (украси на глава); Збирно прашање бр. 122. Сватовски почести; Збирно прашање бр. 123. Свадбениот тек; Збирно прашање бр. 126. Предзнаци за смрт; Збирно прашање бр. 127. Тажење и прилози на одар и во гроб; и Збирно прашање бр. 128. Спровод (закоп) и надгробни споменици. Скенирањето со опремата што ми ја позајми Одделението за етнологија и антропологија во Загреб течеше 10-ина дена, по што заклучив дека процесот на дигитализација оди многу бавно и тешко, поради што продолжив со ксероксирање на другиот материјал. Работата врз архивскиот материјал беше обемна бидејќи секое утро требаше да се пребараат архивските записи, при што секогаш постоеше реална можност да се превидат одредени материјали, потоа да се извадат од Архивот, да се фотокопираат, а потоа да се вратат на своето место согласно со инвентарните броеви. Во недостиг на материјални средства, еден значителен дел од ксероксирањето на материјалите беше финансиран од Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет во Загреб, за што најтопло им се заблагодарувам. Така, на крајот на едномесечниот престој во Загреб, со автобус транспортирав речиси 8000 фотокопирани ливчиња од погореспомнатите прашалници во Македонија. По пристигнувањето во Македонија, речиси сè до крајот на 2018 година, сукцесивно се обидував, пријавувајќи се на конкурсите за истражувачки проекти и издавачка дејност, кои впрочем многу малку ги има, да се обезбедат финансиски средства за објавување на овие исклучително значајни и интересни теренски материјали од национално значење за земјата. Во Република Македонија на многумина им е познато, но на пошироката јавност можеби не ѝ е познато во целост, дека Министерството за наука и образование од 2006 година досега нема распишано конкурс за издавачка дејност, а од 2011 година нема распишано конкурси за научноистражувачка дејност. На постојните конкурси на Министерството за култура вообичаено и премолчено проектот за издавање на овие материјали беше одбиван. Интересно, години наред, во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, ниту еднаш не добивме писмен одговор за резултатите по пријавата. Тоа го разбирам како една од стратегиите на игнорантство спрема проектите од значење за Македонија. По промената на власта и доаѓањето на СДСМ на власт, по пријавата за објавување на материјалите во 2018 година, за прв пат добив писмено решение потпишано од тогашниот министер за култура на РМ м-р Роберт Алаѓозовски, а по препорака на Комисијата за издавачка дејност дека проектот: „Етнографски извори за Македонија. Етнографски атлас на СФРЈ. Етнографски атлас на СР Македонија“ треба „да се одбие (...) зашто не спаѓа во највисоките приоритети на годинашнава стратегија на Министерството за култура и се допира со други институции посоодветни и поодговорни за нејзината реализација“ (УП1 24-3657/2017, од 13.4.2018).

Дури на Конкурсот на Министерството за култура за 2019 г. овој проект е избран како проект од национален интерес во културата и е финансиски поддржан за објавување (УП1 24-2703/2018, од 8.3.2019). Така, донесениот материјал во Македонија, без финансиска поддршка од институциите во државата, со одредена логистика од Институтот за етнологија и антропологија, во периодот од 2010 досега беше целосно транскрибиран и обработен. Во обработката е вклучено неговото целосно дигитализирање. Во процесот на транскрипција на материјалите, исклучително плодна, успешна и професионална работа реализираа колегите, тогаш студенти, сега дипломирани етнолози и антрополози: м-р Еда Старова-Тахир, Веле Змејкоски и Ѓоко Атанасов. Тројцата посветено, минуциозно и професионално ги транскрибираа сите ракописно напишани материјали од погореспомнатите прашалници. Во процесот на дигитализација учествуваше колешката Бојана Мирчевска Чаковска, архивист во Дигиталниот архив за етнолошки и антрополошки ресурси во Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, како и повеќемина студенти на ИЕА, реализирајќи ја својата практична настава. Во процесот на графичка подготовка и преломување на текстот свој професионален и несебичен удел има колешката Петја Димитрова од Одделението за етнологија на Историскиот факултет од Софија, Р Бугарија, во текот на нејзиниот престој како ЕРАЗМУС-практикант на Институтот за етнологија и антропологија во периодот од септември 2018 до април 2019 година.

Проектот „Етнолошки атлас на СФРЈ“
Проектот „Етнолошки атлас на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ е очевидно најважниот и најголемиот етнолошки проект во историјата на етнолошката дисциплина во периодот на социјализмот во југословенската федерација. Следствено на тоа, може слободно да се рече дека проектите за етнографскиот атлас во секоја од социјалистичките републики на Југославија, исто така, претставувале најзначајните и најсуштинските активности на етнолозите во тој период. Соочувањето со сè позабрзаните промени во секојдневното живеење во традиционалната култура на просторите на Југославија, забрзаната модернизација, електрификација и индустријализација, процесите на глобализација и речиси коренитите трансформации на културата биле, најверојатно, круцијалниот поттик на југословенските етнолози да започнат да бараат форми за систематско следење, бележење, обработување и картографирање на различни културни појави. Разбирањето на ургентноста за следење и бележење на етнолошките појави на систематски начин проф. Братимир Братаниќ го искажувал на повеќе наврати на различни академски настани. Тој сметал дека за успешно реализирање на научните зафати на етнологијата „неопходно се потребни три основни услови: обилен и детален етнографски материјал, бидејќи никогаш однапред не може да се знае дали некој, на прв поглед безначаен податок ќе има културноисториска вредност, потоа широка временска и просторна основа, бидејќи во тие рамки се случуваат и се реализираат културните случувања, и, најпосле, лесен пристап на излагање на собраниот материјал, а кој би овозможил и постојана контрола на таквото изнесување“ (Petrović 1980: 11). Следејќи ги европските трендови, кои станале сè поизразени во периодот на двете светски војни, да се истражува и да се визуализира народната култура во атласи, на југословенските простори, детерминирачки влијанија, освен централноевропските земји, имале и земјите на источниот блок, под силно влијание на СССР (Брук 1973: 3–18). Познавачите на развојот на етнографското картографирање на југословенските простори, главно, го поврзуваат со развојот на теориско-методолошките концепти во општествените дисциплини, со еволутивниот пристап и особено со културно-историскиот дифузионистички пристап. Во Европа, кон крајот на 50-тите години на ХХ век се објавени првите етнографски атласи (Брук, Токарев 1968: 149–152). Така, во 1957 година бил објавен првиот дел од Етнолошкиот атлас на Шведска, што вклучувал и делови на Финска, а првобитно бил замислен како заеднички атлас на северните скандинавски земји: Данска, Шведска, Норвешка и Финска. На конференција во Линц во 1958 година било договорено да се пристапи кон изработка и издавање на заеднички атлас на земјите на Централна и Југоисточна Европа: Австрија, Чехословачка, Југославија, Германија, Швајцарија и Италија. Словенските земји имале, исто така, иницијатива на Славистичкиот конгрес одржан во Москва во 1958 година да направат заеднички атлас (Petrović 1980: 118). Кон средината на 1957 година било основано Етнолошкото друштво на Југославија, кое ја иницирало идејата за формирање на Комисија за Етнолошки атлас на Југославија. За претседател на Комисијата бил избран д-р Братимир Братаниќ од Загреб, а за членови биле избрани д-р Борис Орел од Љубљана, Рајко Николиќ од Нови Сад и д-р Бранислав Русиќ од Скопје. Комисијата одлучила Центарот за подготвување на Атласот да биде во Етнолошкиот завод на Филозофскиот факултет во Загреб. Советот за научни истражувања на Југославија бил финансиер на овој голем проект, кому подоцна сразмерно му се придружиле и републичките фондови (Русиќ 1961; Ристески 1997: 41). Уште во 1958 година кај неколкумина истакнати членови на Етнолошкото друштво
на Југославија се родила идејата за изработување Етнолошки атлас зашто, како што пишува Б. Русиќ подоцна: „сите заедно знаеја дека Југославија представува и по своето место во Југоисточна Европа и по својот народносен состав една од најпривлечните земји за етнолошки истражувања и, покрај друго, за издавање такви карти на кои ќе бидат со разни знаци означени помалку или повеќе народни појави и предмети, со кои на најуочлив начин ќе се видат еднаквостите или разликите на цело подрачје од Словенечка до Македонија како кај Јужните Словени така и кај несловенските народи, па и кај нивните соседи, и после тие знаци ќе им послужат на етнолозите за продлабочување поедини прашања и изведувања научни заклучоци“ (Русиќ 1966). Веќе во 1960 г. се започнало со работа. Тогаш започнал пилот-проектот за собирање и обработка на етнографска граѓа за пет избрани теми од околу 1600 локалитети од подрачјето на поранешна Југославија. Така биле изработени повеќе пробни прашалници и пробни аналитички карти (на пр. Обредни обиколки со маски – сурати, годишни огнови, облици на јарем, вршидба и орудија за млатење слама, селски собор и сл.; Đaković 2006: 67; Ристески 1997: 42). Б. Русиќ бил составувач на одреден број од овие прашалници за поединечни етнолошки проблеми. Речиси сите прашалници се однесуваат на предмети и појави од народната култура: 1. Фурна за печење леб надвор од куќа; 2. Снабдување со вода; 3. Ограда; 4. Огниште; 5. Вршник; 6. Печки и греење; 7. Добивање на оган; 8. Карактеристична поделба на покуќнината во главните простории; 9. Маса – софра; 10. Легла во куќата и времените станови; 11. Крошна – лулка; 12. Ковчег – касела; 13. Потпирачки, клучалки, катанци; 14. Дибеци (ножен и рачен аван); 15. Садови за пиење вода; 16. Садови и места за држење на водата; 17. Садови за молзење и чување на млекото; 18. Називи и време на оброците во различни делови од денот (Ристески 1997: 96). Во 1963 година во СР Македонија веќе се работело врз пополнување на првите два прашалника: Прашалникот бр. 1 и Прашалникот бр. 2. Според известувањата на Б. Русиќ, најмногу собрани теренски материјали и пополнети прашалници имало од Прилепско и Битолско Поле, Мариово, Железник и Преспа. Одредени резултати имало од селата околу Охрид, Македонски Брод, Кратово и Гевгелија, а малку во Долни Полог, околу Мавровското Езеро, во Река, во близина на градовите Струмица, Делчево, Радовиш, Штип, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка и Кавадарци. Во другите делови од СРМ не било дотогаш сработено ништо. Со оглед на околностите и состојбата со стручните кадри од сферата на етнологијата во Југославија, принципот на теренска работа бил замислен да функционира низ мрежа на локални просветни дејци, учители што најдобро ги познаваат мештаните и што ќе можат да ги пополнуваат прашалниците. Русиќ спомнува дека до локалните учители биле дадени препораки од Републичкиот совет за просвета или преку општинските совети за школство за вклучување во работата на Етнолошкиот атлас како „значаен долг спрема својот народ и науката за него, за етнологијата“ (Русиќ 1966). Така, за релативно краток период, во целата СФР Југославија била воспоставена широка мрежа од доброволни соработници, која многу наскоро прераснала во „Работна заедница за Етнолошки атлас“ со околу 1100 соработници, која од 1962 година востановила и свое списание „Глас на Работната заедница за Етнолошки атлас“ (Glas Radne zajednice za Etnološki atlas), што излегувало од печат во периодот од 1962 до 1965 година во 6 броја (Русић 1966). Во текстот „Што се работи врз Етнолошкиот атлас во Македонија“ објавен на 11.3.1966 г. во весникот Нова Македонија, Б. Русиќ како примери за углед на такви теренски соработници ги спомнува Живко Петровски од Конче, Душан Врчакоски од поречка Белица, Аница Петрушева од селото Костурино, Струмичко, Никола Аговски од с. Двориште, Беровско, земјоделците Ѓорѓи Танов од Ума кај Гевгелија и Бранко Јовески
од Самоков во Порече и здравствениот работник од Лешок Петре Јовановски (Русиќ 1966). По две години работа врз проучување на пробните прашалници, како успешни, со добри резултати се одбележани истражувањата во Хрватска, Војводина и Македонија. Користејќи ги резултатите од пробните прашалници, Комисијата во Центарот за етнолошка картографија изработила 8 карти за: облиците на дрвениот јарем, начинот на врзување на јаремот за грделот, вршидба – типологизација, средства за млатење жито и други плодови, годишни огнови (време на нивно палење и називи) и обреди со маски (Domaćinović 1970: 251). За развојот на картографскиот пристап во методологијата на етнолошките истражувања во Југославија, Бранко Ѓаковиќ го смета како пресудно влијанието на полскиот славист и етнограф К. Мошињски во триесеттите години на ХХ век врз бардот на хрватската, југословенската и балканската етнологија М. Гаваци, кој, уште во тој период, започнал да собира податоци за изработка на малечки квестионари – прашалници за теренски истражувања (Đaković 2006: 66). Несомнено е дека Гаваци уште тогаш се соочил со потребата од интензивирање, но најважно од сè, од сообразување на еден систематски пристап кон следењето, бележењето, утврдувањето на промените во културата во простор и време, што би овозможил валидна компаративност на собраните материјали и создавање на ареална етнографија. Оттука идејата за изготвување на релативно стандардизирани форми на прашалници – потсетници за теренска работа се сметала за важен чекор кон реализирање на современи етнолошки истражувања. Единствениот близок соработник на М. Гаваци во еден подолг временски период, проф. Братимир Братаниќ, се профилирал како еден од најзначајните заговорници на етнолошката картографија не само во тогашна Југославија туку и на меѓународно ниво (Đaković 2006: 66). Дејноста на проф. Б. Братаниќ била тесно поврзана со тогашните текови во етнологијата на европските земји и иницијативите за создавање етнолошки атласи. Тој уште во 1953 година, во Белгија, учествувал на Заседанието на Меѓународната комисија за народно творештво и традиција, на кое, во таа прилика, била основана Постојана меѓународна комисија за етнолошки атласи. На Меѓународниот конгрес за антропологија и етнологија одржан во Москва во 1964 година, колегите дале многу позитивни и високи оценки за изработените карти. „Оттогаш тој мал пробен Етнолошки атлас стана кај многу народи во Европа пример за углед во работата. Затоа еден одбор од стручњаци предложи Југославија да стане средиште за изработување европски етнолошки атлас и во 1966 година во неа да се одржи Меѓународна конференција за таков атлас“ (Русиќ 1966). На состанокот на Постојаната комисија за атласи и Комисијата за Етнолошки атлас на Југославија одржан во 1966 година во Загреб, на кој присуствувале 36 претставници од 22 земји, било одлучено да се интензивираат активностите врз етнолошките атласи согласно со резолуцијата донесена претходно, со која се поттикнувала заедничката соработка на истражувачите од сите земји, интензивирање на контактите помеѓу нив, редовна размена на информации и редовни состаноци на претставниците на националните комисии (Русиќ 1966). Целите на овој состанок биле да се дефинира што е можно попрецизно изработката на регионалните и националните етнолошки атласи, а тоа да ја олесни работата врз единствениот Европски атлас. Работата врз етнолошките атласи на народите на Европа во овој период покажува уште една тенденција во развитокот на дисциплините, а тоа е јасното фокусирање врз проучување и следење на народната култура на европскиот континент, а не само на популациите надвор од Европа, најчесто нарекувани „примитивни“ (Petrović 1980: 118).
Целта на Комисијата била: „координација на работата при составувањето на националните атласи, изработка на општи прашалници со избор на одредени теми од материјалната и од духовната култура, објавување теориски студии“ (Petrović 1980: 116) и создавање единствена етнолошка карта на Југославија, каде што со различни знаци и симболи би биле означени одредени народни, односно етнолошки појави и нивните специфичности, со што можноста за нивно компарирање од Словенија до Македонија би биле поголеми (Русиќ 1966; Ристески 1997: 41–42). Во текстот посветен на работата на проф. Братаниќ и неговата поврзаност со Европскиот етнолошки атлас, проф. Ѓурѓица Петровиќ истакнува дека тој веќе бил доста навлезен во проблематиката на етнолошкото картографирање уште во времето кога работел на својата докторска дисертација за орачките направи, а подоцна веќе имал изработено цел систем за симболичко обележување на различни типови и видови етнолошки предмети, појави и феномени. На Конференцијата во Загреб Б. Братаниќ ги изложил скиците на своите замисли, кои подоцна биле прифатени и предложени како појдовна основа на картографската работа на етнографскиот атлас, а така започнало и неговото официјално ангажирање во работата на оваа Комисија (Petrović 1980: 116). Идејата на Братаниќ била најпрво „етнолошкиот атлас да се користи како инструмент“ во етнолошките истражувања, кој во основа ги отвора проблемите и истражувачките прашања, а не дава готови одговори. При реализацијата на етнолошките атласи, Братаниќ заговарал: „квалитативно доволно етнолошки материјал, материјал што е погоден за компарација во пошироките простори, материјал што е организирано, систематски и координирано собран, врз основа на стручно утврдени и избрани видови теми и прашања и соодветно избран број на пунктови за истражување“ (Petrović 1980: 117). Во исто време, како универзитетски професор, Б. Братаниќ се залагал своите студенти, идни етнолози, да ги едуцира и оспособи за примена на картографската техника во научни цели со цел картографски да се следат „културните појави распоредени на различен и значаен начин во просторот, што дава големи можности за интерпретација (во прв ред историска), која во целост ќе може да го покаже сегашниот или поранешниот опстанок на културните или етничките групи (...), а интерпретацијата на меѓусебните односи на таквите групации ќе овозможи откривање на латентната динамика, која е вклучена во секоја картографска слика, колку и да се чини дека на прв поглед е статична“ (Bratanić 1959: 11; Đaković 2006: 67). Од 1963 година, Комисијата започнала да ја организира главната работа, така што биле подготвени 4 збирки со 157 тематски цели изразени во огромен број прашања и потпрашања со уводни забелешки и напомени, приспособени за секоја од републиките. Првиот прашалник, изготвен во 1963 г., се состои од 41 тема од материјалната култура (од полјоделство и орудија за орање до ѕидови и внатрешно уредување на домот, од поширокиот контекст на народното градителство). Вториот прашалник бил изготвен во 1965 г. и опфаќал 38 теми (од печки за леб надвор од куќата до машки и женски згорни делови од народната носија). Третиот прашалник, изработен во 1966 г., опфаќал 119 теми (од женски и машки скутини и појаси до несекојдневни начини на склучување договори). Четвртиот, пак, прашалник бил завршен во 1967 г. со 157 теми (започнувајќи со обичаите околу свадба до прашања за старите мерки) (Русиќ 1961; Đaković 2003: 504). Територијата на Југославија била поделена на 105 поголеми, основни квадрати, а секој од нив бил поделен на уште четири помали, дополнителни квадрати. Во секој од поголемите основни квадрати, на приближно еднакво растојание биле избрани по четири населби, а во секој дополнителен квадрат уште по една населба. Така била
воспоставена основната и дополнителната мрежа со населби. Бидејќи некои од квадратите на граничните подрачја на државата биле помали, и бројот на избраните населби бил помал. Истото важело и за планинските предели. Сепак, изборот на точките бил таков и толкав подеднакво да ги опфати и претстави и „Југословените“ и малцинствата (Русић 1966). Територијата на СР Македонија била поделена на 25 квадрати со 160 намерно избрани населби на основната и уште 320 села на дополнителната мрежа (Ристески 1997: 42). Во теренската работа, како и во реализацијата на активностите околу Етнолошкиот атлас, до 1961 година биле вклучени и три институции од Македонија: Етнолошкиот музеј во Скопје и народните музеи во Охрид и Титов Велес (Русиќ 1961). Во следните години најмногу материјали се собрани од Прилепско-битолското Поле, Мариово, Железник и Преспа. Била завршена теренската работа и во повеќе села околу Охрид, Македонски Брод, Кратово и Гевгелија, а помалку во пределите Долни Полог, Мавровско, околу Струмица, Делчево, Радовиш, Штип, Пробиштип (Русиќ 1967; Ристески 1997: 43). Уште на востановувачите на Етнолошкиот атлас им било јасно дека проектот што го реализираат е „навистина огромен, комплициран, скап и ги преминува можностите на една генерација“ (Bratanić 1959: 14). Тогашните општествени околности во Македонија, особено по затворањето на студиите по етнологија во учебната 1952/53 година, а подоцна и по смртта на Бранислав Русиќ во август 1971 г., се рефлектирале врз темпото, квалитетот и карактерот на работата на Етнолошкиот атлас. Сепак, дел од институциите што тогаш постоеле и дејствувале во сферата на етнологијата, како Етнолошкиот музеј и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, давале одредена кадровска, институционална и финансиска поддршка за реализација на овој проект. И покрај тоа што во текот на истражувањата не успеавме да дојдеме до соодветни пишани документи и податоци за судбината на работата врз Етнолошкиот атлас во Македоноја по смртта на Б. Русиќ, сепак, од разговори со колеги од музејските институции дознаваме дека професорот Милош Константинов ја презел одговорноста за организирање на работата, особено за теренската работа. Во периодот од 1970 до средината на 1980-тите години, неколкумина етнолози биле вклучени во теренската работа на Етнолошкиот атлас, како: д-р Душко Хр. Константинов, Аница Петрушева, Ангелина Крстева, но и повеќемина запишувачи од терен, како: Марионка Стефанова, Милан Ристески, Борис Павловски, Тодор Митревски, Гоце Инадески, Мирко Кожинковски, Јован Кожинковски, Марија Атанасоска, Тронда Пејовиќ и др. Според усни информации на колегата Боре Неделковски, етнолог во Музејот на Република Северна Македонија, дознаваме дека, од периодот кога со активностите врз Етнолошкиот атлас работел проф. Милош Константинов, во музејската документација се чуваат одреден број пополнети прашалници. Претпоставувам дека тие не се официјално заведени и предадени во Центарот за Етнолошки атлас во Загреб, најверојатно поради тоа што кон крајот на 1980-тите години работата врз Атласот веќе била запоставена. Сепак, останува да се види за каков материјал станува збор, и во идните фази и тој да биде обработен и објавен. Како резултат на долгогодишното систематско теренско следење и запишување, од СР Македонија, во периодот од 1960 година до крајот на 1980-тите години, се пополнети околу 320 прашалника од исто толку населби, што претставува еден од најопсежните и најдеталните етнографски архиви за нашата земја. Со цел овој обемен материјал, чиишто оригинали се чуваат во Архивот на Центарот за Етнолошки атлас во Загреб, да стане достапен до македонската поширока јавност и потесна стручна јавност, започнуваме со нивно објавување во повеќе томови. На овој начин, се исполнува уште еден од идеалите и заложбите на нашите претходници во етнолошката дисциплина, објавените материјали „како послание“ од претходните генерации да станат „предание“ на овие и на идните генерации...
Литература
Брук, Соломон И., Токарев, Сергей А., Международная конференция по этнографическому атласу Европы и сопредельных стран, Советская этнография 5, Сентябрь – Октябрь, Наука, Москва 1968, 149–152.
Брук, Соломон И., Историко-этнографическое картографирование и его современные проблемы, Советская этнография 3, Май – Июн, Наука, Москва 1973, 3–18.
Ристески, Љупчо С., Ракописната заоставштина на Бранислав Русиќ. Прилог кон истријата на етнолошката мисла во Македонија, Мисирков, Битола 1997, 5–124.
Русиќ, Бранислав, Југословенски етнолошки атлас, Нова Македонија, 10.12.1961.
Русиќ, Бранислав, Што се работи врз Етнолошкиот атлас во Македонија – научен проект со меѓународно значење, Нова Македонија, 11.3.1966.
Русић, Бранислав, Сличности и разлике добијају објашњења: Завршава се први свеобухватни Етнолошки атлас Југославије, Политика, 19.6.1966.
Русиќ, Бранислав, Југословенски етнолошки атлас, Нова Македонија, 3.9.1967.
Belaj, Vitomir, Prof. Branimiru Brataniću za 70 godišnjicu. Skice za biografiju, Etnološka tribina, vol. 10, br. 3, 1980, 95–101.
Bratanić, Branimir, Etnološki atlas Jugoslavije, Etnološki pregled 7, Beograd 1959, 9–18.
Domaćinović, Vlasta, Pripremanje Etnološkog аtlasa Jugoslavije, Narodna umjetnost : hrvatski časopis za etnologiju i folkloristiku, vol. 7, No. 1, 1970, 250–252.
Đaković, Branko, Vprašalnice Etnološkega atlasa in Slovenci, Etnolog, [Nova vrsta] Letn. 13=(64), 2003, 503–526.
Đaković, Branko, Etnološka kartografija, Studia ethnologica Croatica, vol. 18, No. 1, 2006, 65–70.
Petrović, Đurđica, Profesor Branimir Bratanić i Еvropski etnološki atlas, Etnološka tribina, vol. 10, br. 3, 1980, 115–123.

 


Етнографски извори за Македонија Етнолошки атлас на СФР Југославија. Етнолошки атлас на СР Македонија
Прашање бр. 124. Раѓање, доење, прв заб
Во првата книга „Етнографски извори за Македонија. Етнолошки атлас на СФР Југославија. Етнолошки атлас на СР Македонија“ се објавени материјалите од големиот југословенски проект за Етнолошки атлас што се реализирал, главно, во периодот од 1960 до 1990 г. Во овој том, во две книги ги објавуваме теренските материјали со соодветни транскрипции од прашањето бр. 124. Раѓање, доење, прв заб. Трите теми од почетокот на животниот циклус во прашањето бр. 124 се обработени низ 16 дополнителни истражувачки прашања, од кои најголемиот број дополнителни прашања, четиринаесет на број, се посветени на терминологијата, просторот, обредноста и телесните техники на жената при породувањето. Тука, исто така, се опфатени темите со сечењето на папочната врвца, обредите поврзани со овој чин, потоа за верувањата доколку детето се роди со кошулка и за свеченостите што се организирале при раѓање на дете. Две прашања од овој корпус се посветени на архаичниот обред, во литературата, а понекаде и на терен, познат под терминот машки бабини, машко бабување. Две дополнителни прашања се посветени на доењето, времетраењето и обичаите поврзани со тоа. Едно дополнително прашање е посветено на првиот паднат млечен заб. Објавени се оригиналните и транскрибираните прашалници од 219 места во Македонија запишани во периодот од 1970 до 1985 година (мапа бр. 1). Првото прашање: „Како се вика жената во породување (леунка, леуса, родилка, породиља, збабница, бабињара или?)?“ се однесува на утврдување на локалниот назив и евентуалните терминолошки импликации што произлегуваат од него. Интересно е дека врз основа на запишаните материјали, внесени во просторна мапа според местото на нивното запишување, стануваат забележителни карактеристиките на употреба и распространетост, главно, на два термина. Најчесто употребуван термин за жената во породување, до четириесеттиот ден е зборот леунка. Терминот потекнува од грчкиот збор λέχουσα што значи ‘родилка’ (Chantraine 1974: 634–635, s.v. λέχεται), а произлегува од зборот λεχώ, όος, contr. οῦς, ἡ, (λέχος) – жена која штотуку родила (Liddell, Scott, 888, s.v. λεχώ), а втор по застапеноста во употребата е зборот родилка, породилка, што, пак, потекнува од глаголот *roditi I, со значење ‘раѓа, се породува, донесува нов живот’ (Derksen 2008: 437, s.v. *roditi I) во сите словенски јазици. Врз основа на собраните и запишаните теренски материјали и со помош на денешната технологија, поместуваме една работна варијанта на интерактивна мапа на која е означена распространетоста и употребата на термините поврзани со жената во породување. Тоа што беше сон за творците и реализаторите на Eтнолошкиот атлас, а за што во тоа време беа потребни огромни ресурси и многу напори, денес може да се реализира на многу побрз и полесен начин. Сепак, основата на мапите е макотрпно и долгогодишно собираниот теренски материјал, што всушност е најскапоценото нешто што нам ни го оставиле (мапа бр. 2, 3, 4, 5). Запишаниот собран теренски материјал нуди огромни потенцијали и свои ограничувања. Идните генерации допрва ќе се насладуваат на големото богатство. Некогаш, запишаните материјали може ќе бидат само поттик на идните генерации да
започнат слично истражување, другпат овие материјали ќе бидат основа за проверка и проценка на нашите индивидуални истражувања, третпат, поради квантитетот на истражуваниот материјал, тие ќе послужат дури и за одредени квантитативни проценки на карактеристиките на народната култура, за процесите во неа и за трансформациите што се случуваат низ времето. Со цел да се визуализираат резултатите од истражувањето на дистрибуцијата на термините поврзани со жената во породување, изработивме уште еден модел на квантитативно презентирање на термините: леунка и родилка, породилка, од што јасно може да се види дека употребата на терминот леунка со сите изведенки и дијалектни варијанти била многу помасовна отколку на терминот родилка, породилка 
Второто дополнително истражувачко прашање: „Каде раѓа: дома (во која просторија?), во пондила (аур) или во некое друго одвоено место (подалеку од куќата, во друга куќа; зошто тоа?)?“ се однесува на едно исклучително широко и релевантно поле на разбирање на културната топографија и семиотика на просторот во широк контекст. Многумина од истражувачите што досега пишувале за симболичките карактеристики на просторот каде што се раѓа, во просторот означен како сфера на природното, наспроти културното, како простор на животинското, примордијалното, наспроти човечкото, култивираното, ќе најдат огромен број податоци што ќе бидат или потврда на нивните досегашни истражувања или поттик за проверки и надградувања на истражувањата. Третото дополнително истражувачко прашање: „Треба ли и дома да биде одвоена од домашните (од кои?), со што (на пример со засебен чаршаф – име?) и зошто? Мора ли да се замрачат прозорците (зошто?)? Кој до раѓањето и по него може да ѝ пријде? Колку дни останува така одвоена со детето?“ се надоврзува тематски на претходното прашање. Големиот број одговори, од кои некои иако во многу рудиментарна форма, укажуваат на еден широк митски концепт за препознавање на светиот и профаниот простор, на светите и профаните карактеристики на сè што се наоѓа во него. Врз основа на анализата на овој концепт, може да се разберат и многу детали поврзани со однесувањето на поединците и на семејството во текот на породувањето на жената, како и со преземањето низа обредномагиски дејствија со цел да се обезбедат родилката и детето, нивното здравје и иднина, што во основа е инкорпорирано во одговорите на четвртото дополнително истражувачко прашање: „Дали родилката се облекува нарочно (како?), особено дали става нешто да се заштити од урок (што)?“ Петтото дополнително прашање: „Како жената раѓа: лежејќи (на постела, слама, на гола земја или?), клечејќи (на што или чучејќи), стоејќи (држејќи се за јаже, за некаков клин или за бабицата?), седејќи (на што?) или?“ се однесува на техниките на телото во текот на едно од најзначајните и природни и општествени случувања, раѓањето. Напишани се огромен број студии посветени на проучувањето на човекот и на неговото тело, при што, освен на биолошкиот аспект, особено во истражувањата во општествените науки, посебен акцент се става на анализирањето на човечкото тело како базичен културен код или како систем од симболи, кои, во зависност од културната и општествената традиција, различно можат да се толкуваат и да се анализираат. Тука ќе наведеме само некои од истражувањата што во доменот на проучувањето на човечкото тело како медиум на симболичка и културна комуникација оставиле п&a

Cover for ЕТНОГРАФСКИ ИЗВОРИ ЗА МАКЕДОНИЈА. ЕТНОЛОШКИ АТЛАС НА СФРЈ. ЕТНОЛОШКИ АТЛАС НА СР МАКЕДОНИЈА. ПРАШАЊЕ БР. 124: РАЃАЊЕ, ДОЕЊЕ, ПРВ ЗАБ, T. I, КН.1 и КН. 2