СТРИПОСКОП: Стрип приказни за градот Скопје

Инес Црвенковска Ристеска
Volume editor

Synopsis

Главната идеја да се создаде овој „Стрипоскоп“ е етнолозите и антрополозите и младите искусни и помалку искусни стрип цртачи да го промовираат културното наследство на градот Скопје низ стрип приказни. Оваа збирка со стрип приказни за градот Скопје е резултат на проектот „Создај стрипоскоп! Културното наследство на градот Скопје низ кратки стрип приказни“ организиран од Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија (ЦЕИПА) со поддршка на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА), ПМФ, УКИМ – Скопје, а финансиски поддржан од Град Скопје за 2019 година. Но, етнолозите, антрополозите и стрип цртачите тука не застануваат. Идејата понатаму е ваквите збирки да прераснат во списание кое ќе се создава во континуитет, како заедничка заложба да се презентира културното наследство на Скопје, па и на Македонија низ кратки стрип приказни.
Во претходните проекти во кои се илустираа митолошки и демонолошки јунаци од млади илустратори од градот Скопје, се покажа како многу успешен начин за пренесување пораки до младите на Скопје, со оглед на интересот и од младите, но и од децата и повозрасните.
Низ проектните активности на „Создај стрипоскоп! Културното наследство на градот Скопје низ кратки стрип приказни“, младите илустратори и истражувачи од градот Скопје се запознаа со стручната етнографска и фолклорна литература поврзана со балканската и македонската народна митологија. Истражувачката работа во стручната литература им помогна полесно да ја изградат својата приказна, која бараше добра претходна подготовка со скици, градење сценарио, текст за приказната и изведба на приказната низ кадри. Од голема корист беа постојаните консултации со соработниците за време на истражувачките и цртачките работилници.
Во проектот беа вклучени повеќе млади цртачи од кои, петмина успеаа да нацртаат кратки стрип приказни. Како учесници ќе бидат спомнати само оние што го поминаа целиот истражувачко - цртачки процес во периодот од петмесечното времетраење на проектот (мај – септември):
1. Слободан Танасковски, дипломиран на Класичните студии ФЗФ, УКИМ
2. Александра Софрониеска, магистер на Графички дизајн на ФОН
3. Диме Ѓорѓиевски, дипломиран на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН
4. Софија Симјановска, студентка, ФИНКИ
5. Кристијан Димитровски, Графички дизајнер и млад стрип цртач
Истражувачи соработници
6. Виктор Трајановски, асистент на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје
7. Наташа Чакаровска, дипломиран етнолог
8. Ангела Китановска, студент на ИЕА, ПМФ, УКИМ - Скопје

Стрип-цртачи соработници
9. Давор Драмиќанин, стрип сценарист
10. Здравко Гиров, стрип цртач
Консултанти
11. Инес Црвенковска Ристеска, доцент на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје, раководител на проектот
12. Љупчо С. Ристески, редовен професор на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје

Во текот на работилниците беа изработени голем бројот скици, фотографии, кои заедно со конечните кратки стрип приказни и пилустрации се соодветно архивирани во Дигиталниот архив при ИЕА (ДАИЕА), ПМФ, УКИМ – Скопје.
Во рамките на оваа збирка се презентирани кратки стрип приказни и две илустрации за градот Скопје создадени во текот на истражувачиот процес.
Посебна благодарност изразуваме до преведувачот Јане Божиновски што ги преведе од македонски на англиски јазик четирите стрип приказни, со кои, четворица од младите учесници во проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ учествуваа на „Саемот на стрипот“ во август 2019 година во Белград, Република Србија.
Со проектот се добиени голем број општествени придобивки. Тие може да се видат во можноста на проектот младинците од Скопје да го збогатат своето знаење за македонското културно наследство, но и да го пренесат своето видување за културните вредности на градот Скопје и Македонија на другите младинци користејќи современи медиуми – стрипот. Произлезе дека овој начин на стекнување знаење за културното наследство е доста интересен за младите луѓе. Најважно, младинците стекнаа нова вештина како културното наследство да се штити, да се промовира и да се збогатува, станувајќи свесни за тоа дека и тие се дел од културата. Така, со своите илустрации тие даваат важен придонес во унапредувањето на начините за заштита и промоција на културното наследство и индиректно ги мотивираат другите во изнаоѓањето креативни начини за негова заштита и промовирање. Оттука, сметаме дека оваа збирка претставува силен мотив за младинците да останат креативни, а за останатите нас во чиј фокус е културното наследство да изнајдуваме нови начини да го задржиме нивното внимание во неговата заштита и промоција: на културните вредности на градот Скопје и на Македонија!

Cover for СТРИПОСКОП: Стрип приказни за градот Скопје