ДВАТА СВЕТА: Збирка илустрации

Инес Црвенковска Ристеска
Volume editor

Synopsis

Збирката „Двата света“ е резултат на проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ во организација на Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД) со поддршка на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА), ПМФ, УКИМ – Скопје, финансиски поддржан од Град Скопје за 2019 година. Ова е втората збирка илустрации со митолошки и демонолошки јунаци создадена од млади илустратори од градот Скопје. Главната цел на проектот е низ подолготраен процес на истражување, младите цртачи да се запознаат со народното творештво поврзано со митските јунаци и демонските суштества од македонската народна митологија и демонологија општо и од околината на град Скопје посебно, и да илустрираат дел од нив. За младите илустратори и другите учесници соработници во проектот, интересни беа демонските суштества специфични за градот Скопје и неговата околина: чумата, баба Рога, треската, мората, како и други суштества специфични за македонската митологија и демонологија, кои, според фолклорната и етнографската литература и извори, може да се сретнат и во околината на градот Скопје: самовили, чума и др.
Низ проектните активности на „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“, младите илустратори и истражувачи од градот Скопје се запознаа со стручната етнографска и фолклорна литература поврзана со балканската и македонската народна митологија. Истражувачката работа во стручната литература им помогна полесно да го изберат својот лик, да истражуваат во детали за неговите локални карактеристики и да изградат своја илустрација. Од голема корист во цртањето беше предавањето поврзано со народната култура и митското мислење и постојаните консултации со соработниците етнолози, антрополози за време на истражувачките и цртачките работилници.
Во проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ беа вклучени повеќе од 15 млади илустратори, но 10 од нив успешно ги завршија илустрациите. Како учесници ќе бидат спомнати само оние што го поминаа целиот истражувачко - цртачки процес во периодот од петмесечното времетраење на проектот (мај – септември):
1. Слободан Танасковски, дипломиран на Класичните студии ФЗФ, УКИМ
2. Александра Софрониеска, магистер на Графички дизајн на ФОН
3. Диме Ѓорѓиевски, дипломиран на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН
4. Софија Иванова, средношколка, Гимназија „Георги Димитров“ - Скопје
5. Софија Симјановска, студентка, ФИНКИ
6. Берта Милевска, млада илустраторка
7. Сара Маневска, дипломиран географ на ПМФ, УКИМ, Скопје
8. Андријана Андреева, илустраторка
9. Мартин Димитров, Гимназија „Георги Димитров“ - Скопје
Истражувачи соработници
10. Виктор Трајановски, асистент на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје
11. Наташа Чакаровска, дипломиран етнолог
12. Ангела Китановска, студент на ИЕА, ПМФ, УКИМ - Скопје

Стрип-цртачи соработници
13. Давор Драмиќанин, стрип сценарист
14. Здравко Гиров, стрип цртач
Консултанти
15. Инес Црвенковска Ристеска, доцент на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје, раководител на проектот
16. Љупчо С. Ристески, редовен професор на ИЕА, ПМФ, УКИМ – Скопје
Во текот на работилниците беа изработени голем бројот скици, фотографии, кои заедно со конечните илустрации се соодветно архивирани во Дигиталниот архив при ИЕА (ДАЕАР), ПМФ, УКИМ – Скопје.
Во рамките на оваа збирка се презентирани илустрации и скици направени во текот на истражувачиот процес.
Со проектот се добиени голем број општествени придобивки. Низ активностите на проектот, младинците од Скопје го збогатија своето знаење за македонското културно наследство и го пренесоа своето видување за културните вредности на градот Скопје и Македонија на другите младинци користејќи современи медиуми – илустрирации и стрип. Произлезе дека овој начин на стекнување знаење за културното наследство е доста интересен за младите луѓе. Најважно, стекнаа нова вештина како културното наследство да се штити, да се промовира и да се претставува, станувајќи свесни за тоа дека и тие се дел од културата. Така, со своите илустрации тие даваат важен придонес во унапредувањето на начините на заштита и промоција на културното наследство и индиректно ги мотивираат другите во изнаоѓањето креативни начини за негова заштита и промовирање. Оттука, сметаме дека збирката „Двата света“ претставува силен мотив за младинците да останат креативни, а за останатите нас во чиј фокус е културното наследство да изнајдуваме нови начини да го задржиме нивното внимание во неговата заштита и промоција: на културните вредности на Македонија, на градот Скопје и неговата околина!

Cover for ДВАТА СВЕТА: Збирка илустрации