СТРАТЕГИИ ЗА СИМБОЛИЧКА ИЗГРАДБА НА НАЦИЈАТА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Љупчо Ристески
Volume editor
Пол Колсто
Volume editor

Synopsis

Книгата „Стратегии на симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа“ е превод на книгата “Strategies of Symbolic Nation-building in South Eastern Europe” што во оригинал е објавена на англиски јазик, во издание на издавачката куќа Ashgate во Велига Британија и САД во 2014 г.

Англиското издание на книгата предизвика, главно, позитивни реакции во професионалните кругови на луѓето кои се занимаваат со следење и истражување на општествено-политичките процеси во Југоисточна Европа, посебно во земјите на Балканот. Свое стручно мислење за содржината на книгата дадоа професорката Марија Тодорова од Универзитетот во Илиноис и професорите Стефан Требст од Универзитетот во Лајпциг и Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург како стручни рецензенти. Досега се излезени од печат и повеќе позитивни одгласи во стручни списанија посветени на проучувањето на изградбата на нациите и државите, употребата на симболите и национализмот.   

Бидејќи целта на авторите не беше резултатите од истражувањето да бидат достапни само за странската публика, уште од самиот почеток на реализацијата на проектот беше испланирано книгата да се објави и на локалните јазици во регионов, така што ќе биде достапна до поширок круг читатели кои, впрочем, го живеат и се нераздвоен дел од процесот на изградба на државите и на нациите во земјите во регионот. Нажалост, не беше предвидено преведување и објавување на книгата на македонски јазик, со објаснување дека станува збор за мал пазар но, и заради веќе „стекнатата навика“ ние да читаме на некој од соседните јазици. Но за среќа подоцна, финансиерите на целиот истражувачки проект, Истражувачкиот совет на Норвешка и главниот истражувач и уредник професорот Пол Колсто, целосно ги разбираа и поддржаа нашите предлози и заложби книгата да се преведе и да стане дел од читателското четиво и во Македонија. Кон крајот на 2015 година се согласија книгата да се преведе и објави на македонски јазик.

Институтот за етнологија и антропологија на Прирордно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје препознавајќи ги вредностите на содржините во книгата, ја искажа својата заинтересираност да застане како издавач зад ова дело. Цениме дека книгата ќе биде значајно четиво за студентите и за граѓаните кои ќе можат да изградат критички однос во доменот на (зло)употребата на симболите во процесите на изградба на државата и на нацијата и ќе можат да ги согледаат карактеристиките на различните ривалски проекти кои постоеле или постојат во осмислувањето на современите балкански нации. Се надеваме дека оваа книга ќе придонесе во разбирање на овие процеси, а како резултат на тоа, поладнокрвно и поширокоумно прифаќање на различното и секогаш критичко идентификување на тоа што политичките елити им го нудат на обичните луѓе.

Како што е спомнато на повеќе наврати, најпрво во предговорот на англиското издание, а потоа и на други места во книгата, проектот „Симболичка изградба на нацијата во државите од Западен Балкан: намери и резултати“, беше проект финансиран од Истражувачкиот совет на Норвешка, а во реализацијата на проектот беа вклучени три институционални партнери: Одделението за литература, регионални студии и европски јазици на Универзитетот во Осло, Норвешка, Универзитетот во Риека, Хрватска и Центарот за политолошки истражувања од Загреб, Хрватска. Истражувањата во рамките на проектот се реализираа во 2011 и 2012 година. Квантитативното истражување беше спроведено од агенцијата ИПСОС стратеџик пулс од Белград со локални канцеларии во секоја од земјите, на репрезетативен примерок каде проектот се реализираше. Во Македонија, на пример, квантитативното истражување беше реализирано во истиот период кога се реализираше и на другите локации, во есента 2011 г., а беа испитани 1559 испитаници.

Главната цел на проектот и на истражувањето беше да се следи динамиката на процесите на изградба на нациите во секоја од државите што произлегоа по распаѓањето на СФРЈ: Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово, без Словенија, и плус Албанија. Врз основа на специфично осмислена методологија и следење на 4 параметри: религиска култура, етничка култура, историска имагинација и геограска имагинација, авторите требаше да направат проценка на стратегиите што државите, односно нивните политички елити ги спровеле со цел да влијаат врз создавањето на современите нации. Авторите дискутирајќи ги процесите на изградба на нациите и анализирајќи ги најзначајните маркери кои се (зло)употребуваат во осмислувањето или преосмислувањето на нациите, речиси неодминливо се соочија со анализи во кои се присутни националистичките дискурси во различни форми, во зависност од државите во проучуваниот простор.

Во периодот на реализацијата на проектот и додека книгата се печатеше на англиски јазик во 2014 година, во Македонија се спроведуваше еден од најфлагрантните примери на материјализација на национализмот – проектот „Скопје 2014“. Во рамки на проектот се изградени повеќе од 50тина монументални споменици, сите од етничката и културната историја на Македонците, повеќе од 15тина згради на институции од јавната сфера и преоблекување на старите згради со нови фасади, сите во центарот на Скопје, и сите во псеудо барокен и псеудо класицистички стил. Несомнено е дека со ваквиот проект се има за цел да се воспостави целосна колективна амнезија на сликите за минатото што дотогаш ги знаевме и да се преосмисли нова историска слика за Македонија. Овој проект е еден од најсилноизразените примери на спроведување културна политика од горе па надолу, проект кој го претставува некритичкиот однос на политичките елити спрема реалноста, проект со кој политичките елити прават целосна митизација на минатото, создавајќи слика за новите споменици и градби како за апсолутна и непроменлива историска вистина, културна вредност, па дури и културно наследство. Од друга страна, пак, спомениците и јавните градби кои се со исклучителна политичка конотација, може да се интерпретираат и како дистрибуирање на моќ низ официјалната верзија на политичката структура, на систематски нееднаков начин, притоа реализирајќи когнитивна контрола низ симболичко претставување на супердржавата, и пред се, суперпартијата на власт.

Интересно, во 2015 година во Македонија се случија општествени движења кои никако не може да бидат разгледувани надвор од политичкото разбирање на битието на човекот, но сега организирани од долу, од основата кон горе. Се случија студентските протести во 2015г. Во текот на 2016 година, барем до сега - јули 2016 г., во континуитет од околу 60 дена, се случуваат непрекинати протести на граѓаните на Република Македонија како резултат на несогласувањата со политиките на елитите на власт. Ваквиот израз на незадоволство спрема политичките елити на власт прерасна во „Шарена револуција“, која своите ставови ги искажува врз имагенаријата на власта наречена проект „Скопје 2014“ низ активности  кои ги реализираат преку фрлање бои по спомениците и објектите што припаѓаат на овој проект. Ова политичко движење во Македонија, за првпат од нејзиното осамостојување излезе од цврсто натабаниот етно-националистички пат по кој минуваа(т) етничките заедници кај нас, и заоде по патот на граѓанските вредности, пат кој го трасираат граѓани кои не се аполитични, туку политички самосвесни за штетите што етно-националистичките и партиско-политичките концепти им ги нанесуваат во нивното секојдневно живеење.

Cover for СТРАТЕГИИ ЗА СИМБОЛИЧКА ИЗГРАДБА НА НАЦИЈАТА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Details about the available publication format: Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа

Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа
Co-publisher's ISBN-13 (24)
9786084762058
Publication date (01)
2016
Physical Dimensions
155mmx240mmx18mm

Details about the available publication format: Settings Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа

Settings Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа
Co-publisher's ISBN-13 (24)
9786084762058
Publication date (01)
2016
Physical Dimensions
155mmx240mmx18mm

Details about the available publication format: Settings Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа

Settings Стратегии за симболичка изградба на нацијата во Југоисточна Европа
Co-publisher's ISBN-13 (24)
9786084762058
Publication date (01)
2016