АНТРОПОЛОГИЈА НА МАШКАТА ИСТОПОЛОВА СЕКСУАЛНОСТ ВО СЕКОЈДНЕВЈЕТО – ОДНЕСУВАЊЕ И ИДЕНТИТЕТ

Инес Црвенковска - Ристеска
Author

Synopsis

Со оглед на комплексноста на проблемот на истражување, машката сексуалност се потврди како голем истражувачки предизвик, особено зашто тешко може да се осознае низ емпириски материјали до кои пристапот е исклучително тежок. Во овој случај комплексноста уште повеќе се истакнува заради тоа што истражувањето се насочува на
еден сегмент од машката сексуалност, а тоа е истополовата. Во една прилика беше истакнато дека истражувањето на сексуалноста, особено машката истополова може да се покаже како ненадминлив проблем, пред сè заради полот на истражувачот. Тоа на моменти и се покажа како проблем со оглед на тоа што емпириските материјали собирани со техниката интервју, што подразбира директно соочување меѓу истражувачот и информаторот, се наметнуваше како проблем во текот на истражувачкиот процес. Во текот на истражувањето, проблемот не беше поврзан толку со самата тема, колку што беше поврзан со надминувањето на бариерата во комуникацијата меѓу истражувачот и
момчињата кои имаат истополови односи. Но, тоа никако не смееше да претставува причина истражувањето за машката истополова сексуалност да биде изоставено.

Заради недостапноста на момчињата, истражувачката работа во проектот „Мапирање и студија заснована во заедницата за адолесценти кои се под најголем ризик на ХИВ/СИДА/СПИ во Македонија“, поврзана со собирање на емпириски материјали за момчињата кои
практикуваат истополови односи, им беше дадена на момчиња од самата заедница. Низ спроведените интервјуа поврзани со превенцијата и сексуалното здравје е собрано мало богатство на емпириски материјали поврзани со истополовата сексуалност на момчињата.
Резултат од целокупното истражување е етнографски материјал што може да се анализира од различни аспекти. Во материјалот можат да се исчитаат податоци што се однесуваат на поимањето на сексуалноста, од кои најопфатени се оние според кои сексуалноста се поима како искуство што се гради непрекинато, низ секојдневните случувања. Тоа даде повод и анализирањето да биде направено врз претставите видени низ раскажувањата поврзани со секојдневните истополови случувања. 

Скопската геј-сцена познава афирмирани и неафирмирани или прикриени момчиња. Во рамките на геј-светот постојат одредени претстави за хетеросветот кои се во зависност од тоа дали момчињата имале или немале одредени истополови искуства со некои од нив. Кога
се зборува за ваквите мажи кои имаат двополови односи, во претставите веднаш се поврзуваат со брак и семејство. Според поголем дел од момчињата истополовите односи се прифатливи за нив, но не и развивање на емоционални врски со такви мажи. Доколку се случи врската да биде воспоставена без знаење дека еден од партнерите е во брак, се случува, откако ќе се дознае, врската набрзо да биде прекината. Еден од начините да се самозаштитат од околината со цел непречено да ја практикуваат личната сексуалност и да не бидат препознатливи е да оформат свое семејство.

Целата етнографија се гради врз наративите од личните искуства, дефинирани како вербализирана, визуелизирана и/или структурирана форма од реченица/-и за актуелни или возможни ситуации, што истовремено се раѓаат од искуството и го оформуваат искуството така што наративите и себството се неделиви. Тоа го потврдува и етнографскиот материјал.

Cover for АНТРОПОЛОГИЈА НА МАШКАТА ИСТОПОЛОВА СЕКСУАЛНОСТ ВО СЕКОЈДНЕВЈЕТО – ОДНЕСУВАЊЕ И ИДЕНТИТЕТ