КОЈ ГО ПОСЕДУВА МИНАТОТО? КУЛТУРНАТА ПОЛИТИКА И ЗАШТИТАТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ПОСТСОЦИЈАЛИСТИЧКА МАКЕДОНИЈА

Даворин Трпески
Author

Synopsis

Падот на социјализмот во Источна Европа донесе промени и во делот на културната политика. Во Македонија, во првите години од плурализмот, сè уште се чувствуваше моќта на политиката од поранешната држава, но со изминувањето на годините, сè повеќе и
повеќе, оваа доктрина ја губеше силата под „ударите“ на новото време. Македонското Министерство за култура кое, впрочем, постоеше и имаше цел и понатаму да ја игра главната ролја при креирањето на културната политика во Македонија, веќе полека ја губеше предноста што ја имаше стекнато во претходниот систем. Така и покрај
присуството на Министерството за култура и сродните институции, кои повеќе од четириесет години работеле на проблематиките поврзани со културата и со културното наследство, како резултат на отсуство на вистински идеи, но и на државно невложување во културата и пренасочување на средствата на многу побитни проекти поврзани со
опстанокот на државата, културата беше сведена на маргините. Министерството, како центар на јавниот сектор, слепо ја следеше зацртаната политичка и партиска агенда, а не стварните потреби во културата и не ги решаваше вистинските проблеми. Така дури по
тринаесет години од независноста на Македонија, во 2004 година, Министерството првпат донесе документ во кој беа дефинирани целите и приоритетите во културата, а тоа беше четиригодишната Национална програма за културата. Но, и тука Министерството главно ги креираше приоритетите според видувањата на владејачката гарнитура предводена
од политичката партија на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за периодот 2004 – 2008. Имено, иако се смета за главен носител на културата во Македонија, Министерството за култура до 2004 година немаше изградено јасна културна политика. Впрочем, и таа политика која се практикуваше беше строго централизирана до 2005 година кога
започна процесот на децентрализација. Со тоа голем дел од културата беше оставена на странските институции, амбасадите, фондациите и сл. Тие интензивно учествуваа и
во процесот на креирањето на политичкиот живот во Македонија, а со тоа и во креирањето на новата културна политика, па така критериумите за културата и за културното наследство во Македонија беа дефинирани и вреднувани според нивните видувања. Како главна
одлика на политиките што овие институции ги фаворизираа беше тоа што финансиите наменети за Македонија не ги насочуваа кон установите кои беа под директно влијание на државата, туку нив ги насочуваа кон невладините организации кои ги имаше во сè поголем
број и чии активности беа насочени во речиси сите области, па и во делот на културата и на културното наследство. Можеби причините треба да се бараат во тоа дека државните институции не ги исполнуваа во целост критериумите според европските и светските стандарди. Денес постои тенденција дека треба да се оди кон тоа да се изврши реформа на државните институции од областа на културата од причини што во претходниот систем биле крајно партизирани и целосно служеле на партијата, на социјалистичката идеја и на владечката идеологија.

Исто така политичките партии многу често преземаа активности кои имаа голем удел и врз креирањето на националниот идентитет. Секако основен предуслов за тоа преставуваа одредените културни елементи од редот на културното наследство, односно елементите кои
го чинат т.н. културен капитал. Впрочем, некоја од елитите или од политичките партии, како резултат на својата моќ, имаше можност да зграпчи одредени културни производи од општеството, се разбира доколку производите беа доволно легитимни, влијателни и силни.
Истовремено ги имаше под своја контрола и критериумите за тестирање, селекција и вреднување на производите и нив ги користеше за свои цели. Според тоа може да се каже дека наследството е толку моќно што за него се води „борба за контрола“ од страна на
доминантните идеологии во Македонија и тоа најчесто е интерпретирано различно. Особено ваквите обиди за нова интерпретација на културното наследство настанаа со промената на општественото уредување коешто настана по падот на социјалистичкиот систем во Македонија.

Значи може да се заклучи дека како главна одлика за годините по осамостојувањето на Македонија беше трагањето по историјата и по артефактите, кои според одредени политички центри на моќ претставуваат основа за македонското постоење на Балканот.
Истовремено нагласената национализација на историјата стана и еден од главните одредувачки фактори при обидите да се заштити постоечкото културното наследство. Ако во првите години по осамостојувањето тоа беше со послаб интензитет, со одминувањето на
времето и со разгорувањето на проблемот поврзан со непризнавањето на македонскиот народ и на македонската држава од страна на соседните држави, етничката и националната историја зафаќаше сè позначајно место во општествениот и во политичкиот живот во Македонија. Сепак, во зависност од периодите и во зависност од актуелната политика која се практикуваше, национализацијата на историјата и процесот на политизација на културата се одвиваше со одредени осцилации. Имено, вулгаризирањето на историјата во последните неколку години од XX век ги надмина границите на толеранција, а тоа придонесе до зголемување на меѓуетничката тензија во државата до степен на меѓуетнички вооружен судир во 2001 година.

Cover for КОЈ ГО ПОСЕДУВА МИНАТОТО? КУЛТУРНАТА ПОЛИТИКА И ЗАШТИТАТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ПОСТСОЦИЈАЛИСТИЧКА МАКЕДОНИЈА