ОБРЕДИ НА ПРЕМИН ОД ЖИВОТНИОТ ЦИКЛУС НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ТИКВЕШ

Љупчо Неделков
Author

Synopsis

Анализата на раѓањето, свадбата и смртта е извршена според теоријата на обреди на премин со фазите на тријадичната структура: сепарација, маргиналност и агрегација. Оваа тричлена структура овозможува обредите да се истражат во нивната изразеност, функција и значење во секоја од овие фази, како и да се откријат и функциите во нивното латентно ниво. Теориската оправданост на овој метод е демонстрирана преку поголем број примери, научни расправи и дела во кои со примена на овој модел се добиени конкретни резултати што на толкувањата на обредите им даваат една поширока димензија како во доменот на традиционалната така и во доменот на современата култура. Нашите истражувања според оваа теорија ги надополнивме со употреба и на структурално - комуникацискиот, семиолошко - симболичкиот и функционалниот метод.
Основа за анализа на поставениот проблем е објавен или необјавен, теренски етнографски или фолклорен материјал што може да се најде во депоата и архивите на АИФ „Марко Цепенков“- Скопје; во АИСК - Прилеп, во личните архиви на поединечни собирачи на етнографски и фолклорен матерјал и сл. Но, треба да напомнам дека најголем дел од материјалот е добиен со теренски истражувања во периодот од 1996 до 2002 год.
Раѓањето, свадбата и смртта како кризни моменти од животот на секој човек се причина за преземање на конкретни обредни дејства со цел да се воспостави нова социјална рамнотежа во социјалната заедница на микрокосмичко ниво. Семејната структура треба да се реорганизира во текот на обредните активности со цел таа да не се наруши во негативна смисла.
Целокупниот материјал е поделен во три главни дела: обредна структура раѓање, обредна структура свадба и обредна структура смрт.
Обредната структура раѓање, според природниот и според културниот модел, претставува преодно време. Поместувањето на плодот во мајчината утроба и активирањето на правилата на забрането, дозволено, пожелно, го означува почетокот на обредната структура раѓање, додека 40-тиот ден, со завршувањето на леунството и укинувањето на правилата, обредната структура раѓање завршува. Обредната структура раѓање е поделена на три преодни обредни фаза: сепарација или период на бременост, маргиналност и агрегација што меѓусебно се поклопуваат и одговараат на периодот на раѓањето и на леунството. Сепарацијата има развиена и самостојна временска димензија и дава можност за следење и класификување на обредните дејства на сепарација и на агрегација, додека, пак, во маргиналниот период и во агрегацијата, класификацијата на обредните дејства на сепарација и на агрегација е невозможна поради комплементарниот карактер на обредните фази маргиналност и агрегација.
Во обредната структура раѓање, обредните субјекти се наоѓаат во постојано обредно движење од една состојба во друга, менувајќи го својот статус. Премините можат да се следат на социјален и на просторен план. За родилката, преминот на социјален план се одвива помеѓу опозициски поставените социјални категории: небремена ⇔ бремена ⇔ родилка ⇔ леунка ⇔ обредно чиста жена; за новороденчето преминот се одвива помеѓу категориите: незачнато ⇔ фетус ⇔ новороденче без социјален статус ⇔ со нов статус. Преминот во просторен план ја има следнава структура: за жената бременоста претставува движење од социјалниот простор кон обредниот простор во кој ќе се изврши чинот раѓање и оттаму родилката оди во собата каде што ќе го помине периодот на леунството, што имплицира магиска затвореност; за новороденчето преминот може да се прикаже преку опозициите: внатре ⇔ надвор, тесно ⇔ широко, темно ⇔ светло, оној свет ⇔ овој свет или накусо кажано премин од хтоничниот свет во светот на живите.
Времето што е потребно да се изврши преминот на релација: профано време ⇔ свето - обредно време ⇔ профано време е временската димензија на обредната структура раѓање.
Утврдената бременост е причина за организирање на систем од правила кој треба да го овозможат преминот од една состојба во друга. Обредните дејства ја следат статусната положба на обредните субјекти во дадените структури. Така, на пример, во обредната структура сепарација (бременост) се активирале правилата со кои се регулирал односот на бремената жена кон суштествата, кон предметите, кон појавите и кон елементите за кои се верувало дека се носители на демонскиот код, кој по пат на магиска инфекција на контагиозното можеле да го спречат воведувањето на обредните субјекти во семејството, во родот и во пошироката заедница. Од воспоставениот систем на правила може да се заклучи дека населението од Тиквеш изградило свој народно-религиски концепт во однос на животните, предметите, појавите, суштествата и елементите со кои било во постојан допир. Така, на пример, секој допир на бремената жена со носителите на негативниот код бил забранет. Во оваа група припаѓаат животните: волкот, змијата, гуштерот, мачката, зајакот и др., потоа птиците: кукавицата, кокошката и сл., па елементите од лунарниот свет: Месечината; граничните простори; куќен праг, меѓи, ѓубришта и крстосници; природните појави: грмежи, мол-њи и ветришта; предмети од покуќнината: чешел за чешлање на волна, ортома и сл. и други предмети што, на реално ниво, можеле да го загрозат интегритетот на бремената жена и на фетусот. Во оваа обредна фаза владеат правила за парцијална изолација што се однесуваат само кон забранетото. Преминот во следната обредна фаза раѓањето, според теоријата на обреди на премин, настанува во перодот кога степенот на изолација од профаното ќе го достигне највисокото ниво. Степенот на изолација е пропорцијален со степенот на светост. Моментот кога степенот на изолација и светост ќе го достигнат своето максимално ниво е време на трансформација и премин од една состојба во друга. Кажано со народниот јазик, тоа е времето на чинот раѓање. Обредните дејства во овој период имаат сепарациско-агрегациска функција и преку симболично магиски дејства требало да овозможат побезбедна сепарација помеѓу родилката и плодот. Нив може да ги класификуваме во две групи: обредни дејства за физичка стимулација и обредни дејства за магиска стимулација. При разгледувањето на обредно-религискиот концепт, посебно значење имаат обредните дејства за магиска стимулација: магиското запојување на родилката со вода преку десниот чевел на нејзиниот сопруг, преку решето и сл.; се сипало вода по градите на родилката; се спротнувале разни предмети низ нејзината кошула: јајце, цевка за ткаење и сл., од каде што може, пред сè, да се прочита симпатичната магија (слично=слично). Според обредниот простор во кој се изведувало раѓањето (пондилата или некој друг стопански објект) може, исто така, да се открие верувањето во култот на плодноста. Потоа следувале обредни дејства за раздвојување на обредните субјекти кои биле проследени, исто така, со елементи на сепарација и на агрегација: папочето на новороденчето го сечеле со камен, срп, ножици за стрижење на овци и сл., со што се настојувало семиотичката вредност од носителот на кодот магиски да се пренесе на обредните субјекти (живот, родност, плодност и сл.).

Cover for ОБРЕДИ НА ПРЕМИН ОД ЖИВОТНИОТ ЦИКЛУС НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ТИКВЕШ