ВЕРБАЛНИ И НЕВЕРБАЛНИ ЕТНИЧКИ СИМБОЛИ ВО ГОРНА РЕКА

Мирјана Мирчевска
Author

Synopsis

Поширокиот етнички предел Река го зафаќа крајниот западен-северозападен дел на Р. Македонија. Се дели на три предели: Горна Река, Долна Река и Мала Река. Горна Река
која е предмет на нашето истражување го опфаќа горниот дел од сливното подрачје на реката Радика до Бошков мост на југ. Областа е типично планинска, опкружена со високи и тешко проодни планини, со силно манифестирана географска изолација.
Горна Река со своите, некогаш дваесет и две, а денес седумнаесет села, претставува изразито лимитрофно подрачје, кое се граничи: од северната страна со Гораните, од западната со Пишкопејците, од источната со Мавровците и Горноположаните, а од јужната со Мијаците и мијачката торбешка субгрупа. Сите тие иако живеат заедно на
поширокиот, но територијално релативно мал простор, успеале да ја сочуваат својата етничка и културна индивидуалност до денеска. Во таа смисла Горна Река претставува т.н. "етнички тромб" - зона со специфично опкружување каде што се допираат различни култури, вери и јазик. Сепак, живеејќи во едно такво опкружување, сосема е разбирливо меѓусебното влијание во сите сфери на човековото опстојување во пределот.
Основните истражувања во овој предел се направени во периодот пред Втората светска војна, од страна на неколкумина истражувачи. Публикуваните трудови се однесуваат на прашањето за навлегување на албанскиот етнички елемент во Горна Река (Николиќ Т. Риста), антропогеографски истражувања во пределот (Смиљаниќ Тома, К'нчов Васил), етнопсихолошки прикази (Недељковиќ Душан), како и неколку сепаратни прилози (Цвијиќ Јован, Филиповиќ Миленко). По војната, повторно од областа на антропогеографијата корисни информации добиваме од трудовите на Трифуноски Јован, кој иако нема засебно дело во кое би се презентирале податоците само за Горна Река, сепак во сите негови трудови каде што тема на истражување се миграциите на албанското население во некој од соседните предели на Горна Река, или на територија на цела западна Р. Македонија, опфатен е и нашиот проучуван предел. Но, конкретно од областа на етнологија и антропологија, на овој предел, освен трудот од областа на етничката историја на Горна Река и соседните предели од Паликрушева Галаба (Паликрушева Г., Некои елементи за етничката историја на Горни Полог, Мавровско и Горна Река, Гостиварски крај, книга прва, Гостивар, 1970г., 181-194) објавени се и неколку трудови, во кои главно е презентиран теренски материјал (граѓа) за свадбата,  како и за народната архитектура во Горна Река.  Иако сепаратно, во состав на други трудови може да се најдат корисни податоци за Горна Река.
Ваквата состојба, во услови кога нема поопстојен труд од областа на целокупната народна култура, или барем од најрелевантните нејзини составки, сметавме дека би било сосема прифатливо да се зафатиме со изработката на покомплексен труд за овој етнички предел. Токму современите појави и процеси, кои покрај веќе констатираните, ни дадоа причина повеќе во таа насока. Целта на овој труд е токму регистрирањето на етничките симболи кои би придонесле во расветлувањето на прашањето за етничкиот идентитет на Горнореканците. Освен тоа, прашањата за етничката култура на Горна Река остануваат
отворени и поради делумниот недостаток на компарации со соседните етнографски предели во Албанија, Србија, потоа Горни Полог, Мавровско Поле и т.н. "шопски села" во
Кичевија. Поради тоа, во текот на работата постојано се имаа во предвид состојбите во поодделни сегменти на народната култура во соседните етнографски целини. Исклучок од ова е етничкиот предел Гора (во северна Албанија и Косово, Србија) поделен со државна граница, кој е населен со исламизирано македонско население, кои поради целокупната
денешна состојба, не беа достапни за теренско истражување, иако за поодделни прашања е консултирана и релевантна стручна литература.
Во рамките на поставената тема издвоени се најкарактеристичните прашања што можат да придонесат кон оформување на заклучоци од доменот на етничкиот идентитет чии придружни компоненти се етничките симболи. Тука спаѓаат: прашањето за етногенезата, демографската слика на теренот, структурата на семејството и селото со сите нивни
функции (биолошко-репродуктивна, воспитна, општествена, економска, обредна), потоа вербалните симболички системи (јазик, лични и семејни имиња, преданија за потеклото,
етноними), и невербалните симболички системи (вера, исхрана, живеалишта и народна носија).
Трудот не претендира на сеопфатност. Со својата содржина, обработен и презентиран материјал тој настојува да предизвика научен интерес за проучување на етничките
идентитети во сите форми.

Cover for ВЕРБАЛНИ И НЕВЕРБАЛНИ ЕТНИЧКИ СИМБОЛИ ВО ГОРНА РЕКА