ЕТНОЛОШКИ атлас на СФР Југославија ; Етнолошки атлас на СР Македонија. Прашање бр. 125 Прво стрижење

Authors

Љупчо С. Ристески
Еда Старова Тахир
Ѓоко Атанасов
Веле Змејкоски

Synopsis

Првото стрижење или застрижување во традициската култура во Македонија, како и пошироко во балкански рамки и во рамките на Југоисточна Европа, било важен дел од одот низ животниот циклус на поединецот, но и на заедницата. Во големиот етнолингвистички речник „Словенски древности“ овој обред, во словенски контекст, е опишан во одредницата пострижины (Славянские древности, Т. 5, С (Сказка) – Я (Ящерица), 2012: 212–215, s. v. Пострижины).

Во прашалниците подготвени во рамките на Етнолошкиот атлас на СФР Југославија, а во тие рамки и на Етнолошкиот атлас на СР Македонија, на ова прашање му е посветено збирното прашање бр. 125. Прво стрижење. Во рамките на збирното прашање се зададени 14 потпрашања со цел да се опфатат сите сегменти на првото стрижење, какви што се учесниците во обредот, времето на стрижењето (ден во седмицата, период во текот на денот, време во врска со активноста на Месечината, Сонцето и сл.), потоа детали во врска со обредите во текот на стрижењето, со потстриженото дете, со косата, како и со одредени полово-родови аспекти на стрижењето.   

Обредот прво стрижење на децата, според материјалите од Атласот, во Македонија се нарекува(л): стриг (Кривопаланечко, Кратовско, Кумановско, Штипско), стрижба (Делчевско, Велешко, Штипско, Демиркаписко, Скопско), стрижење (Охридско, Дебарско), потстрижуење (Катланово), плетиво (Страцин, Кумановско), прво стрижење (Дебарско), земање коса (Жировница). 

            Обредноста на првото стрижење, освен што е поврзана со обредно-магискиот и религискиот концепт на разбирање и поимање на светот, во себе содржи и силни општествени елементи, посебно во структурирањето и хиерархизацијата на општествените односи, како во рамките на сродничките односи така и во рамките на кумството како посебна општествено-сродничка и духовна категорија.

Косата е нераздвоен дел од индивидуалниот идентитет на секој поединец, но и еден од најважните означувачи и показатели на општествените и културните карактеристики на припадниците на една заедница. Од една страна, косата во себе ја носи симболиката и значењето на континуираното, постојаното растење и возобновување, а од друга страна, пак, врз основа на возможните форми на нејзино средување и формирање во фризура, е еден од најзначајните симболички маркери на општествениот статус на поединците во рамките на заедницата. Првото потстрижување, и на женските и на машките, било дел од востановената обредност во традициската култура што, првенствено, означува нова фаза од развојот на поединецот.

Интересно, во материјалите запишани во Атласот, се спомнува дека само на мајките што не „им траеле“ децата, доколку имале женско дете, не му организирале прво стрижење, туку оставале косата да им расте без потстрижување.

Cover for ЕТНОЛОШКИ атлас на СФР Југославија ; Етнолошки атлас на СР Македонија.  Прашање бр. 125 Прво стрижење
Forthcoming
October 29, 2021