Култот и традицијата на светите анахорети во Македонија

Authors

Александар Мешков

Synopsis

Ова дело е специфично поради својата интердисциплинарна природа. Имено, во него се инкорпорирани сознанија од историјата преку пишаните извори; од народната традиција која е содржана во колективната меморија на луѓето низ усните извори; од архитектурата материјализирана во духовните центри-манастирите посветени на аскетите, кои служеле и како значајни скрипторски центри; од уметноста низ која посредно се дознава за изгледот и значењето на средновековните анахорети, најчесто преку нивните портрети кои ги красат манастирите посветени ним, но и пошироко, во другите македонски и балкански манастири.

Во првата глава, накратко, се прикажани историските процеси во контекст на монаштвото, преку претхристијанските форми на аскетизам и нивното формирање во раното христијанство-проследено преку улогата на првите анахорети св. Антониј и св. Атанасиј.

Следните четири глави ги обработуваат култот и традицијата на пустиножителите: Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Прохор Пчински и Јован Рилски. Во Македонија, една од првите европски земји во која се воспоставило христијанството, ваквите текови- на монаси ермити кои започнале да се подвизуваат во непристапните планинско-пустински предели во изолација од заедницата и световните активности- се случиле подоцна, кон крајот на XI и почетокот на XII век, кога се забележува подем на овие монаси-анахорети.

Заеднички именител на пустиножителите на кои е посветено ова дело, е апсолутната посветеност на Бог, и истрајноста. Нивниот Божји пат бил проследен со речиси целосно световно лишување- оскудно консумирање храна - која можела да се најде во околината, речиси без никаква материјална сопственост. Притоа тие често биле искушувани од демонските суштества, кои сакале да ги оттргнат од нивната намера, но Бог во тие мигови се јавувал како нивен заштитник.

Cover for Култот и традицијата на светите анахорети во Македонија
Published
September 3, 2025