Шпагети со ајвар. Транслокално секојдневие на муслиманите во Македонија и во Италија
Synopsis
Каролина Бјеленин-Ленчовска, Шпагети со ајвар. Транслокално секојдневие на муслиманите во Македонија и во Италија, Скопје, Македонско студентско етнолошко друштво, 2025. PDF
Книгата на Каролина Бјеленин-Ленчовска е објавена уште во 2015 година на полски јазик, но нејзиниот превод на македонски – иако со големо задоцнување – е секако сѐ уште многу релевантен.
Најпрвин треба да се истакне долготрајниот интерес на Каролина Бјеленин-Ленчовска за Македонија, која истражува тука долго време, почнувајќи од 2006 година, а во однос на фокусот на оваа книга нејзините истражувања се протегаат од 2009 до 2014 година. Нејзиниот „терен“ е сместен во Река и во Центар Жупа каде што печалбата освен што е традиционална определба на населението, во актуелните околности е речиси единствен избор на луѓето. Како што вели самата, овие места живеат од работната миграција, додека мнозинството од населението постојано живее во Италија. Затоа нејзиниот „терен“ се преместува и во Равена и во Фонте, Италија каде што вообичаено мигрираат муслиманите што зборуваат македонски јазик од Река. Етнографскиот увид во двата амбиенти (Македонија и Италија) нуди многу живописни претстави за главната тема на книгата. Во неа преку антрополошките концепти за мобилноста се анализира мигрантското искуство на муслиманите со македонски јазик во Италија, особено разликите во однос на родовата и меѓугенерациската перспектива како и начините на кои се менуваат искуствата на луѓето во зависност од тоа колку долго живеат во странство и колку се интегрирани во општествено-културниот контекст на земјата домаќин.
Во вештата етнографија на Каролина Бјеленин-Ленчовска се испреплетуваат мноштво најразлични перспективи. Родовата перспектива, онаа на жените и на мажите, на децата и возрасните, на различните генерации, на идентитетите врзани со етничноста и религијата, на храната, на угледот и престижот, на активизмот и природата итн., итн. живописно ја отсликуваат комплесноста на секојдневниот живот помеѓу два света. Поради таа вештина книгата освен што е корисна во теориска смисла, е многу интересно и возбудливо четиво.