„Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија, Личности и дела“: том 1
Synopsis
Изданието „Етнолошки и антрополошки лексикон на Македонија: Личности и дела“ е резултат
на повеќегодишен истражувачки напор што започна во 2022 година на Институтот за етнологија и
антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Проектот, првично поддржан со интегративните
средства на Универзитетот, поради својата комплексност и обем се развиваше и во наредните години, а во 2025 година е заокружен со оваа публикација.
Лексиконот содржи околу 150 единици што ги опфаќаат биографиите и делата на домашни и на
странски етнолози и антрополози што оставиле белег во развојот на дисциплините. Со тоа се создава прва
систематизирана целина што обезбедува преглед на повеќедецениската научна продукција и истражувачка традиција во Македонија. Финансиската поддршка за неговото издавање ја обезбеди Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија во рамките на Програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на издавачката дејност за 2025 г.
Потребата од вакво дело произлегува од недостигот на интегриран преглед за личностите и институциите
што ја граделе дисциплината, од зголемениот број истражувачи и публикации во последните децении, како и од неопходноста за интернационализација на македонската етнологија и антропологија преку поврзување со странските научни традиции.
Раководител на проектот е проф. д-р Љупчо С. Ристески, а во подготовката на единиците учествуваа
сите вработени на Институтот: Љупчо С. Ристески, Илина Јакимовска, Ана Ашталковска Гајтаноска, Инес
Црвенковска Ристеска, Виктор Трајановски, Александар Мешков, Бојана Мирчевска Чаковска, Елизабета
Павковиќ, Даворин Трпески, Мирјана Мирчевска и Еда Старова-Тахир.